Користењето на хемиски заштитни препарати во земјоделството ги контаминираат земјоделските култури и негативно влијае врз нашето здравје. Поради тоа, експертите сметаат дека е потребна поголема контрола на употребата, односно злоупотребата на пестициди, хербициди, инсектициди и други хемиски препарати во земјоделството.

Исто така, потребна е поголема контрола и на оние култури кои се продаваат по пазарите, бидејќи не ретко зеленчукот или овошјето се собира непосредно по прскањето и се носи на тезга.

Речиси сите земјоделски производи се прскаат, но она што е поважно се начинот и количините на пестициди кои се употребуваат. Поради тоа земјоделците треба да го почитуваат рокот на каренцата по третирањето на производот со хербициди и инсектициди. Употребата на пестициди е една од причините зошто е подобро да се избегнуваат супермаркетите каде се продава овошје и зеленчук со неумерената количина на пестицид кои се користат во конвенционалното производство и да се купува органска храна. Меѓутоа тоа не би ги решило сите проблемите кои произлегуваат од преголема и несоодветна употреба на пестициди. Токму затоа постојано се апелира до земјоделците да не претеруваат со употребата на пестициди за да ги заштитат здравјето на купувачите и да ги зачуваат почвата и водата.

Во нашата земја има 250 различни видови пестициди, кои се одобрени од институциите за употреба во конвенционалното одгледување на овошје и зеленчук. Но веројатно е дека има уште толку недозволени, кои земјоделците ги користат, делумно поради неинформираност, а делумно бидејќи тие се употребувале во минатото и им се познати. Во нашата земја се употребуваат пестициди кои се на позитивните листи во земјите на Европската Унија, а Правилникот се одобрува и ажурира секоја година. И покрај тоа што досегашните контроли покажале дека кај овошјето и зеленчукот кои се произведуваат и увезуваат во Македонија концентрации на резидуи од пестициди се во границите на максимално дозволените, сепак постои страв кај потрошувачите. Тој стравот е оправдан и покрај фактот што многу странски институции и експерти сметаат дека влијанието на пестицидите е поголемо во свеста на луѓето отколку во делот на безбедноста на храната.

При увоз на границите храната редовно се контролира. Агенцијата за храна и ветеринарство има изработено и годишна програма за контрола на храната при увоз. Покрај редовните плански контроли кои се спроведуваат при увозот, исто така се прави испитување и контрола на храната врз основа на сомнеж, како и врз основа на нотификации кои се добиваат преку РАСФФ-системот за брзо информирање на ЕУ. Досега се вратени 13 пратки со храна од неживотинско потекло поради несоодветен квалитет и зголемени количини на резидуи од пестициди над максимално дозволеното ниво.

Согласно годишните програми за безбедност на храната во РМ и храната која се произведува кај домашните оператори или производители на храна исто така подлежи на контрола, најпрво кај самите производителите, а потоа и во маркетите и на пазарите. Покрај контролите кои ги врши Агенцијата, самите оператори, во рамки на ХАЦЦП плановите, имаат обврска да вршат контроли на храната која ја произведуваат, велат од АХВ.

Сепак, за да се избегнат последици по здравјето на луѓето, земјоделските производители мора строго да се придржуваат до упатството за употреба и етикетата на производот и хемикалијата да ја користат само за оние болести и штетници за кои е регистрирана. Исто така, при употреба на пестициди клучна е добрата земјоделска практика, која бара производителите да го почитуваат периодот од последното прскање до моментот на пласман на овошјето и зеленчукот, кој трае од 2 до 50 дена, во кој пестицидите се разградуваат до концентрации кои не се опасни за здравјето, објаснуваат во Министерството за земјоделство. Светските истражувања покажуваат дека употребата на пестициди на овошјето и зеленчукот има двократна улога. Од една страна ги штити посевите, а од друга му штети на човечкото здравје. Во мали количини пестицидите не се опасни, но ако често се трупаат во организмот преку храната може да имаат негативни последици.