Прехранбените навики кај луѓето се менуваат од ден на ден, но тие се убедени дека точно знаат што најмногу ќе се јаде следната година.

Како што пишува британскиот Индипендент, флекситаријанизмот ќе биде најголемиот прехранбен тренд во 2017. Поддржувачите на ваков начин на исхрана претежно се хранат на вегетаријански начин, но повремено конзумираат и месо. По експлозивниот раст на популарноста на непроцесираната храна и уште побрзиот пад на истата, флекситаријанизмот станува многу поодржлива алтернатива на веганството или вегитаријанизмот.

Некои флекситаријанци јадат месо само преку викенд, или само навечер или само во ресторан (изборот е личен и е доста флексибилен). Таквиот начин на исхрана и не е некоја новина, но растот на популарноста се должи на славните следбеници на истиот.

Милијардерот Ричард Брансон, актерката Ема Томпсон, готвачот Џејми Оливер, ја поддржаа кампањата на Пол Мекартни за „понеделник без месо“.

„Понеделник без месо е најдоброто оправдување за истражување на разновидноста на зеленчукот и комбинирање на различни јадења. Го поздравувам понеделникот без месо и искрено се надевам на безмесна среда“, изјави пред неколку години славниот готвач Оливер.

Истражувањата покажуваат дека намалената употреба на месо во исхраната има голем број важни здравствени предности, како намален ризик од дијабетес, рак или срцеви заболувања.

Флекситаријанизмот им овозможува на луѓето да ја подобрат здравствената состојба, без одрекување од вкусните оброци со месо.

Сè поголем број на луѓе сакаат да ѝ помогнат на планетава, а според некои студии одгледувањето стока е одговорно за производството на 51% од сите стакленички гасови. Решението на овој проблем се гледа во намалувањето на потрошувачката на месо, па Whole Foods смета дека овој тренд ќе „експлодира“ следната година.