Овој Бадник без отворени огнови: Ќе има ли казни?

Овој Бадник без коледарски огнови поради загадениот воздух е апелот на општините кои годинава одлучија да се забрани доделување на дрва за оваа намена.

Од град Скопје апелираа граѓаните да се воздржат од палење огнови на јавни места. Со цел да се заштити животната средина и да се спречи загадувањето на воздухот.

Со официјално соопштение излегоа и од општина Аеродром и Центар.

Општина Центар, оваа година нема преку донации на дрва по месните заедници да поддржува големи палења на бадникарски огнови речиси во секое маало.Средствата кои изминатиот период беа наменети за бадникарски огнови, оваа година ќе бидат пренаменети за поставување ново зеленило и за социјалните случаи и програми во Центар.

Исто така и општина Аеродром нема да финансира бадникови огнови поради загадувањето, парите ќе ги насочи кон ново зеленило и за социјалните случаи, информираат од општината.

МПЦ-ОА годинава за прв пат по долго време нема да присуствува на Коледарските или Бадниковите огнови кои се палат на отворено и се сметаат за стара традиција особено во Скопје. 

Според Отец Бобан Митевски од МПЦ, Архиепископот г.г. Стефан, кој воедно е и митрополит на скопската епархија потпиша повелба со која им се забранува на свештениците од оваа епархија годинава на Бадник да присуствуваат и да ги благословуваат бадникарските огнови.

За свештениците кои нема да ја почитуваат повелбата на поглаварот ќе следат и казни. Ваквиот потег на МПЦ-ОА е да не се дава веќе поддршка на ритуал кој свои корени влече од паганската ера на словенскиот народ, а подоцна и на македонскиот кој задржал дел од словенската митологија, навики и култура кои ги фтопил заедно во својот бит што е денешната суштина на македонската народна и верска традиција.

Сепак, во одредени места ваквиот вид на прослави прераснуваат во општонародни фешти со многу алкохол, јадење и музика и се губи суштината на божиќното празнување кога се очекува мир во домовите, спокој во душата и радост за христовото раѓање.