“Овде и тишината доаѓа да се одмори”- велат туристите за Преспа

Восхитен од природните убавини што ги нуди Преспа, еден посетител, пред години своето задоволство од престојот покрај Преспанското Езеро го изрази токму со оваа реченица: “Овде и тишината доаѓа да се одмори”. И така остана и ден денес, природните убавини на Преспа секогаш привлекуваат.

Преспа во претстојната летна туристичка сезона, своите гости ќе ги дочека со нови уредени плажи – Стење, Сливница, Долно Дупени, Претор, Отешево.. со ново уредено градско јадро во центарот на Ресен, кој без лажна скромност во вечерните часови личи на “Големото јаболко.”

Но, можеби, она што во моментов треба да добие поголемо внимание е презентацијата и промоцијата на вкупната понуда за одмор во Преспа. Затоа што преспанските туристички работници се’ уште не научиле дека без соодветна промоција на сместувачките и угостителските можности и вредности на ова подрачје, тоа и натаму ќе остане непознато за поширокиот туристички пазар. Во таа смисла нема оспособени туристички водичи, ниту соодветна туристичко-информативна служба, не се организираат ни туристички и други атрактивни приредби или културни манифестации кој би ги збогатиле содржините на вкупната понуда (се нуди едно те исто). Не им се презенитраат на потенцијалните гости ни културните посебности на Преспа, ни староградската архитектурата, археолошкото, историското и црковно богатство, но и новосоздадените вредности, пишува ПреспаИнфо.