Оваа жена, целиот мој свет...

А нашата лутина веднаш спласнува, станува смешна, исто како и поводот.

Побуните траеја кратко, толку кратко, што не вредеше ни да се креваат. Особено што знаев, колку и да бев лут, дека ништо не може да ми ја замени неа, онаква каква што е, теснограда во својата љубов, нетрпелива кон сѐ што би можело да ѝ одземе макар и дел од мене. Од трапавата побуна и желбата за слобода, многу бргу се враќав во цврстата тврдина на нејзината љубов, како смирен бегалец кој не се ни мрднал подалеку од капијата.

Животот не ни е наклонет и самите си ја создаваме нашата мала заедница, нашиот космос во кој меѓусебно си ги надополнуваме работите кои ни недостасуваат.

Кога бев загрозен, мислев само на неа, охрабрувајќи се од нејзиното присуство. Кога ми беше тешко, го споменував нејзиното име како молитва, пронаоѓајќи олеснување. Кога ќе почувствувам радост, трчам за да ја споделам со неа и ѝ се заблагодарувам како таа да ми ја подарува радоста.

Таа е добар човек и убава жена, но она што е само за мене, тоа јас самиот го создадов. Дури и да имаше големи маани, јас тоа не би го знаел. Таа ми беше потребна да биде совршена и не можев да дозволам да не биде. Ѝ дадов сѐ што не успеав да најдам во животот, а без кое не можам да живеам. Дури и се смалувам пред неа, за таа да биде поголема, а така, со нејзина помош и јас станав поголем. Многу ѝ давам, за да можам да земам. Јас сум осуетен, а таа е остварена и така сум обештетен. Таа ми го намирува изгубеното и јас добивам повеќе отколку што некогаш сум посакувал да имам.

Моите желби беа магловити и расфрлани, а сега се собрани во едно име, во еден лик, пореален и поубав од која било фантазија. Само на неа ѝ признавам сѐ што не сум направил, а сепак ништо не губам, иако би се одрекол од сѐ. Немоќен пред луѓето и слаб пред светот, значаен сам пред своето творештво, повредно од нив. Неспокоен пред несигурноста, сигурен сум пред љубовта која се создава сама од себе, затоа што е потреба, претворена во чувствување. Љубовта е и жртва и насилник, нуди и побарува, моли и навредува.

Оваа жена е целиот мој свет, потребна ми е за да ѝ се воодушевувам и над неа да ја почувствувам својата моќ. Ја создадов како дивјакот своjот идол кој го става над својот пештерки оган и го заштитува од громови, непријатели, ѕверови, луѓе, небо, самотија, бара од него обични работи, но го бара и невозможното, да чувствува воодушевување, но и огорчување, да се заблагодарува и да навредува, секогаш свесен дека без него, стравовите ќе му бидат претешки, надежта без корен, а радоста без траење.

Само поради неа и луѓето ми станаа поблиски.

Меша Селимовиќ