Според координаторот на работното тело за ревизија на проектот “Скопје 2014” Мирослав Грчев, до крајот на оваа недела до Министерството за култура ќе се достави документацијата за Порта Македонија.

Тој додава дека во моментов се работи и на споменикот Филип Втори, за кој исто така се врши целосна ревизија, а препораките ќе бидат доставени за две до три недели

Ревизијата на Порта Македонија треба да заврши до крајот на оваа недела, а се подготвува и документацијата за споменикот Филип Втори. Досега работното тело за ревизија на проектот “Скопје 2014” до Министерството за култура веќе достави препораки за споменикот на Ќосето, за Мајка Тереза и за “Воинот на коњ”, кои се сметаат за спорни објекти. Според координаторот на работното тело за ревизија на проектот Мирослав Грчев овие препораки ќе бидат доставени до Министерството за култура и надлежните институции кои понатаму ќе одлучуваат за судбината на објектите.

“До крајот на оваа недела до Министерството за култура ќе ја доставиме документацијата за Порта Македонија, а се работи и на споменикот Филип Втори, за кој исто така ги подготвуваме документите кои ќе бидат доставени за две до три недели. Работното тело работи на поширок фронт, се собираат материјали и се разгледуваат сите аспекти поврзани за спорните градби од проектот “Скопје 2014″. Се работи за поголема група на објекти, а што понатаму ќе се случува со нив ќе зависи од надлежните институции и ние не сме запознати со следните чекори кои ќе се превземаат. Нашите надлежности се да се држиме до експертизата”, изјави за Вечер Мирослав Грчев.

Тој исто така додава дека во моментов не се работи на Музејот на Македонска борба, но дека и тој во понатамошната постапка ќе биде предмет на ревизија.

“Работното тело дава само препораки, а одлуките ги донесуваат извршните органи. Отчетноста, пак, поточно она што стои во препораките може да го каже само надлежното министерство. Моето лично мислење е дека сите споменици и градби направени спротивно на Законот и Уставот треба да бидат отстранети, бидејќи со нивното градење му е одземена надлежноста на Собранието. Овдека не се работи за неправилности, туку за тешки нарушувања на важечките закони и затоа ние треба да укажеме, а надлежните институции да си ги спроведат надлежностите според законот”, изјави неодамна за Вечер, Грчев, според кој најголем дел од спомениците од проектот “Скопје 2014”, или речиси 90 отсто, се дивоградби.

Од Министерството за култура, пак, посочија дека по завршувањето на ревизијата на проектот, препораките ќе бидат јавно објавени.
“Во секој случај ништо нема да се случува преку ноќ и на сила, а јавноста ќе биде навремено известена за се што ќе биде преземено. Не е само да се руши, ќе биде дадена проценка и ќе има конкретни чекори според законските процедури. Целта е да се стави ред, поточно да нема узурпација и проблематична историска визија која не соодветствува со реалноста”, посочија неодамна од Министерството за култура, од каде вчера, до затворањето на весникот, не успеавме да добиеме повеќе информации.