Ова е твоето време...

Со текот на времето забележуваш дека некако си се смирила. Си станала потивка. Си се променила. Другите можеби не го забележуваат тоа. Но, ти добро знаеш. 

Сѐ почесто носеш балетанки. Штиклите ги чуваш за посебни прилики, а ретко за секојдневно носење. Имаш научено дека убавото и привлечното не е секогаш поврзано со тесното и краткото, скапото или брендираното. 

Повеќе не се печеш со часови на сонце кога одиш на одмор. Не си дозволуваш себеси да изгориш во обид да поцрниш што побргу и повеќе. Носиш бикини без да мислиш на целуитот. Па сите жени имаат целуит. Не го вовлекуваш стомакот кога ќе станеш од лежалка и се движиш кон морето. Што е, тука е, вовлекувала или невовлекувала. На кого не му се допаѓа, не мора да гледа. 

Не се мачиш со диети. Не се прејадуваш и не гладуваш. Не броиш калории. Знаеш што е здраво и добро за тебе и знаеш дека сѐ додека го слушаш своето тело и твоето тело ќе те слуша тебе.

Купуваш меко ќебенце, само твое, за да се нагрнеш додека читаш склопчена во фотељата. Си правиш чај и уживаш во него додека читаш или гледаш филм. Не ги читаш до крај книгите кои не ти лежат, не се мачиш да гледаш филмови само затоа што се популарни. Ги оставаш за друго време или за некоја поинаква ти. Повеќе не фрлаш пари на секакви креми. Знаеш дека не помагаат. Имаш една, ама вредна, а ефектот секако дека е ист.

Танги повеќе не носиш по ниту една цена. Има ли потреба да објаснуваш зошто? 

На слави и свечености повеќе не те болат образите од извештачени насмевки. Повеќе не си таа која секогаш го занимава друштвото и која секогаш ја прекинува тишината. 

Да, ти се промени. Тоа не значи дека се предаде. Тоа значи дека конечно научи што те прави среќна. Тоа значи дека се сакаш себеси. Доволно за да имаш храброст да направиш разлика, разлика помеѓу она што мораш да го правиш и она што ти одговара. А она што мораш да го направиш се поретко го правиш.

Сега е твоето време...