Ова е најплатениот менаџер во Македонија: 14.000 евра месечна плата + бонуси!

Според сите досега објавени плати на менаџери на компании чии акции се котирани на берзата, Таневски е најдобро платениот менаџер, пишува Фактор.мк.

Долгогодишниот директор на најголемата македонска хотелиерска компанија „Македонијатурист“ Доне Таневски е еден од најдоброплатените менаџери во земјава покажуваат официјални податоци од извештајот на ТТК банка во чиј Надзорен одбор членува Таневски. Неговата нето плата како генерален директор на „Македонијатурист“ изнесува 10,35 милиони денари нето за 2015 година што значи дека неговите месечни нето примања по основ на плата се 826.877 денари или околу 14.000 евра, покажуваат податоците објавени во годишниот извештај на ТТК банка.

Според достапните податоци Таневски освен плата која ја остварува како генерален директор на „Македонијатурист“ лани од таа компанија добил и околу 1 милион денари од бонуси и од осигурување. Таневски освен што е долгогодишен генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Македонијатурист“ воедно е и најголем поединечен акционер во таа компанија и поседува 19,8 отсто од акциите со право на глас. Во годишниот извештај на ТТК банка може да се види дека Таневски добива и надоместок како член на Надзорниот одбор на таа банка и тоа од 244.373 денари и бонус од 123.300 денари за своето учество во работата на тој орган на управување на ТТК банка.

Годинава повеќе компании започнаа да ги објавуваат платите на своите менаџери, обврска од законот за трговски друштва што досега ја споредуваше единствено „Макпетрол“ и тоа на пропишаниот начин на објава на примањата на секој менаџер пооделно. Годинава, за календарската 2015 година, неколку компании во своите годишни извештаи ги објавија платите на менаџерите, а се очекува во идниот краткорочен период и други да ги направат јавни тие податоци. Досега се објавени бруто платите на Ѓорги Јанчевски, претстедател на УО и директор во Тутунска банка, Љубе Рајевски, Дамир Кудер и Антониот Аргир сите од Тутунска банка, потоа на Глигорие Гоговски од Тетекс, Драгољуб Арсовски претседателот на УО на ТТК Банка. Од досега објавените највисока менаџерска плата има Доне Таневски од „Македонијатурист“.

Таневски на јавноста е познат како менаџер на хотелиерската компанија што управува со најмногу хотели во Скопје. Доказ за стабилноста, потенцијалот и високиот имиџ на „Македонијатурист“ е фактот што отворениот задолжителен пензиски фонд на НЛБ Тутунска банка досега таму купи околу 9 отсто од сите акции со право на глас и стана трет по големина поединечен акционер. Името на Таневски и досега се спомнуваше во јавноста како еден од најдобитните акционери со оглед на износите што на име дивиденда ги добива секоја година од матичната компанија „Македонијатурист“.