ОУ „Браќа Миладиновци“ стекна статус на светско ИБ училиште

Основното училиште Браќа Миладиновци во петокот, 16.6.2017 година, успешно го заокружи процесот на акредитација во одделенска настава за стекнување со статус на светско ИБ училиште, кој траеше четири години.

Училиштето ги исполни сите стандарди и услови во предвидените рокови, успешно реализирајќи ја наставата согласно престижната ИБ методологија која ги поттикнува учениците да истражуваат, да анализираат и самостојно да доаѓаат до крајните резултати и да го покажуваат и надградуваат својот талент.

Учењето по ИБ во ова училиште е бесплатно. Трошоците целосно ги надоместуваше државата, која во изминатите години даваше максимална логистичка и целосна финансиска поддршка за заокружување на реформата, за разлика од многу други земји каде учењето по ИБ ги чини родителите многу пари.

Инаку, по оваа наставна методологија се учи во над 3.500 училишта во повеќе од 145 земји во светот.

Меѓународната ИБ методологија во ОУ „Браќа Миладиновци“ се воведуваше етапно од 2013 година, односно најпрво во одделенска настава за учениците од прво до петто одделение, а потоа беа опфатени и учениците во предметната настава од шесто до деветто одделение. Учениците учат на македонски јазик, а како втор го изучуваат англискиот јазик. Притоа, нема класично предавање, туку учениците се активни и се става акцент на практичната настава.

На почетокот на процесот на воведување на ИБ, училиштето го посети европратеничката и претседателка на Комисијата за образование и култура во Европарламентот, Дорис Пак, која изјави дека „тука се обучуваат деца за да станат добри граѓани на Европа. Стандардот тука е одличен, дури можам да кажам дека би била среќна доколку и во Германија имаме училишта со ваков стандард“.