Отворено преноќувалиште за бездомници во Општина Центар

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на општина Центар“-Скопје од вторник отвора преноќувалиште за бездомни лица во општина Центар коешто ќе функционира за време на екстремно ниските температури.

„Тука ќе овозможиме да ја поминуваат ноќта наши сограѓани кои сега се по улиците. Ќе им овозможиме и пакети со храна за вечера и за појадок и топли напитоци. Преноќувалиштето ќе работи според стандардните процедури за вакви пунктови, од 16 часот попладне до 10 часот наутро“, рече Сашо Богдановски, директор на претпријатието.

„Голем студ ја зафати Македонија. Денеска се најавува дека ќе биде еден од најстудените денови, со температура од минус 20 степени во Скопје. Луѓе мрзнат надвор, семејства се завеани по села и градови, излизгани се возила по патиштата… За жал јасно е за сите дека поради неодговорните политики на досегашната централна власт државните институции не се во состојба да одговорат на потребите на граѓаните. Институциите мора да работат во служба на граѓаните“, додаде тој.

Ги повика сите кои се во можност да отворат вакви преноќувалишта и да помогнат на бездомните граѓани.