Отворена изложба „Училиште во парк“ на Архитектонскиот факултет и Општина Центар

Четиринаесет архитектонски трудови, изработени од студентите на Архитектонскиот Факултет, во соработка со стручните служби во Општина Центар, од вчера се изложени на увид на јавноста во новоотворениот културно социјален простор „ЈАДРО“ во општината.

Изложбата ја отвори градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, поздравувајќи ги присутните и посакувајќи им успех на учесниците.

Како дел од проектот „Училиште во парк“, студентите по архитектура и стручната општинска администрација изминатиот период изработија идејни архитектонски решенија за таканаречен центар за деца од претшколска возраст и основно образование. По завршување на изложбата, општинска комисија ќе ги разгледа сите предложени проекти и ќе го избере најдоброто решение, кое ќе се изведе кај спортското игралиште „Партизан“, во Градскиот Парк.

Проектот за центарот за деца од претшколска возраст и основно образование вклучува изведба на градинка и основно училиште, со зачувување на постојното спортско игралиште. При изработката на трудовите од страна на авторите беше запазено просторот за најмладите да биде функционален, но истовремено и атрактивен.

Изложбата на трудовите ќе трае до 3-ти март, во КСП „ЈАДРО“ (Урбана заедница „Дане Крапчев“), прв простор од ваков тип, кој по пат на јавно приватно партнерство функционира како центар наменет за реализирање на програмите на независната културна сцена, но и на поширокиот граѓански сектор, во кој можат да ги развиваат своите идеи, особено во областа на културата.