Отворена изложба по повод 54 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Изложба „Скопје – архиТРАНСформа“: „Архибелези“ и „Concrete мemories“, фотографии на Матијас Шуман од Дрезден, Германија беше отворена синоќа во Музејот на град Скопје, по повод одбележувањето 54 години од катастрофалниот земјотрес.

На отворањето на изложбата присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Педесет и четири години по катастрофалниот земјотрес, денеска на 26 јули 2017 година сме тука во Музејот на Град Скопје да се потсетиме на жртвите, на активизмот на преживеаните и на штетите од моќта на природата, но и на хуманоста, на модернизацијата и на новиот почеток. Скопје го добива епитетот град на солидарноста и забрзано се развива во модерна урбана средина. Пет деценискиот сон на скопјани да се возобноват Театарот и официрскиот дом се оставари пред неколку години со помош на претходната Влада. Во МНТ веќе се играат претстави, а зградата на офицерскиот дом е во изградба…рече Трајановски.

Посочи дека се изградиле и многу други институции по должина на Кејот на реката Вардар, музеи, спомен обележја…

Изложбата навидум само прикажува градби кои ќе рехабилитираат во колективната меморија слики од Скопје од изминати десетлетија, сеќавања завиткани со превезот на љубовта спрема овој град, која ја негуваат генерациите скопјани што го изживеале тој свој младешки живот.

Изложбатата којашто е составена од фотографската серија „Concrete memories“ беше направена преку програмата за културна размена по повод 50 години од збратимувањето на градот Скопје и градот Дрезден, Германија. Користејќи фотографии од типични модернистички згради, впечатливи детали, интериери и простори како основа за фотографски рекомбинации, овие колажи сакаат да ги запаметат културните, естетичките и историските вредности на тоа модернистичко архитектонско наследство.