Отворен пролетниот базар на домашни ракотворби (ФОТО)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска  присуствуваше на отворањето на традиционалниот „Пролетен базар на домашни ракотворби“, кој се одржува на плоштадот „Филип Втори“.

-Македонското занаетчиство отсекогаш било израз на врвна уметност, изработена од рацете на обичниот човек кој на парчето метал, дрво или кожа успевал да му даде убавина или живот, практична намена. Креативниот дух на нашите предци создал форми, творби, карактеристични за одредени периоди како одраз на неговата посебност и идентитет. Малите и средните претпријатија и занаетчиството се движечката сила на секоја пазарна економија зашто генерираат вработеност и економски раст. Занаетчиството нуди перспективи за младите и невработени лица преку отворање мали бизниси. Ми претставува задоволство што расте бројот на младите во Македонија кои сакаат да се занимаваат со занаетчиство. Иако традиционалните стари занаети се во изумирање, нивните техники кои се дел од нашата традиција и култура ги поврзуваат со нешто ново и современо. Нашата цел е да ги поттикнеме младите да се запишуваат во средните стручни училишта и да ги изучуваат занаетчиските занимања кои нудат перспектива и вработување – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Како дел од базарот беше прогласен и најавтентичниот сувенир, од конкурсот за избор на автентичен сувенир на град Скопје. Така, првото место на овој конкурс и припадна на КСАНТИКА, Кристина Хаџиева (за кујнска даска со мотив од Скопје), на второто место се најде ВУДИС, Златко Китаноски (за пеперушка од дрво), а на трето место е МАЈ ПРЕШС, Елена Поповска (за ѓердан трендафил).

Денеска и утре /19 и 20 мај 2017 година/ на овој традиционален базар ќе бидат презентирани различни занаети и нивното значење за квалитетот на живеење на граѓаните. Посетителите ќе може да погледнат и да купат изработки на накит од филигран и монистра, украси, рачни ракотворби, магично плетиво, изработки од камен, дрво и керамика, цртано стакло, како и изработка на слики од срма, a ќе има и креативна работилница.

Целта на овој настан е да се истакне важноста на занаетчиството и стопанството, средното стручно образование, практичната обука и стекнувањето вештини и компетенции, а се со цел поттикнување на младите да се запишуваат во средните стручни училишта и да ги изучуваат занаетчиските занимања кои нудат перспектива и вработување. Воедно, целта на манифестацијата е да се промовира и одржи традиционалното занаетчиско производство, како и да се поттикне размената на искуства и знаење меѓу занаетчиите, зголемување на продажбата на занаетчиските производи и услуги и да се зголеми туристичката понуда преку претставување на занаетчиството како бренд и симбол на препознатливост на Скопје.

Покровител на манифестацијатa „Пролетен базар на домашни ракотворби“ е Град Скопје, а организатор е Занаетчиската комора на Скопје.