Отворен ден со граѓаните во општина Гази Баба

Во општина Гази Баба е во тек спроведувањето на „Отворен ден со граѓаните“ заедно со градоначалникот Тони Трајковски, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески и директорот на Управата за имотно правни работи Зоран Крстановски.

Се работи со пет тима во пет простории каде ќе се остварат средби со граѓаните и тие ќе можат да се информираат за прашања или проблеми кои ги имаат од овие области.

Градоначалникот Трајковски упати апел до граѓаните да дојдат во просториите на општината, да донесат со себе соодветна документација, да поразговараат за проблемите кои ги имаат и согласно законските регулативи да се пронајде решението за нив.

Општината Гази Баба има одлична соработка со Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за имотно правни работи и за тоа говори фактот дека се издадени повеќе од 4000 имотни листови.

Оваа соработка ќе продолжи и понатаму бидејќи има ефикасно решавање на проблемите и полека се искоренува тоа граѓаните да бидат упатувани од една во друга институција, односно сега можат на едно место да побараат одговор и решение за своите барања, преку електронскиот шалтер на Катастарот во општината.