Отруени неколку кучиња во Карпош, се бараат сторителите

Вчеравечер, на територија на Општина Карпош отруени се неколку кучиња како последица на оставен отров од страна на несовесни сограѓани, информираат од Општина Карпош и најостро го одудуваат чинот на труење.

Од општината потенцираат дека се во постојана координација со надлежните државни органи околу спречување на ваквите инциденти и незаконски постапки.

„Локалната самоуправа решително пристапи кон решавање на овој актуелен проблем кој нѐ засега сите. За таа цел веќе утрово стапивме во комуникација со ПС Карпош со кои се договоривме заеднички да делуваме на терен, што подразбира мапирање на откриените отрови, нивно отстранување и идентификација на сторителите. Исто така, службите за хигиена и комуналните редари на Општината добија дополнителна обврска за засилена контрола и отстранување на отровите кои се расфрлани на јавен простор, односно во парковите, зелените површини и околу зградите“, велат од општината.

Оттаму апелираат до сите граѓани на разумно однесување и зголемена грижа за милениците.  Предупредуваат дека расфрлените отрови се директна закана за милениците, но и потенцијална опасност за децата и за сите карпошани.

Труењето на кучињата ќе биде строго санкционирано согласно важечката законска регулатива.