Откаде ми е правото да очекувам добри работи, ако постојано ги повикувам лошите?

Пред некој ден се подготвував да излезам од станот. Ништо посебно, обично одење на кафе, но оние кои ме познаваат знаат дека и за тоа ми треба време, затоа што никогаш не сум подготвена и секогаш доцнам.

Не е дека секогаш мора да изгледам како од модна писта, а косата ми е сѐ само не мазна и исфенирана. Па така, пред неколку дена, дотерана и нашминкана, ставав работи во торбата и ми падна мрак пред очи. „Паричник, клучеви, мобилен, лабело, вода. Ок, сѐ тоа ми е потребно, но што е во другово? Фластери? Пинцета? Коректор? Четка за заби???“ Неретко во чанта имам и чадор, затоа што некој ден, можеби не баш тој ден, ќе падне дожд.

И сама на себе си подвикнав: „Што ти е ма на тебе? Па идеш на кафе во кафиќ што е на 5 минути од тебе, а торбата полна со работи „за секој случај“!“ И тоа сѐ се врти околу тие негативните „ако“ случаеви. „Што ако се исечам? Ама чевлите не се неудобни, што ќе ми е фластерот?“

Пред неколку дена конечно сфатив дека немам право од животот да очекувам позитивни исходи и изненадувања кога постојано сама си ја предизвикувам несреќата и не му дозволувам ниту на животот, ниту на луѓето да ме изненадат. Сѐ почесто излегува точно она дека го добиваме она што го заслужуваме (нормално не сфаќајте сѐ буквално) и дека нема на што да се жалиме.

Ако јас цело време се плашам дека нешто ќе ми падне на глава и затоа секогаш одам под отворено небо, а не под згради, заслужувам да ми падне нешто на глава. Еве некоја птица да се олесни на мене. Искрено, мислам и верувам дека оваа ситуација го заслужувам тоа.

Нема да заборавам кога пред неколку години го делев секојдневието со човек од кој научив многу во животот, повеќе од која било книга.Тој често ми велеше да не зборувам однапред, на пример: „Внимавај, ќе се растури“, затоа што речиси секогаш нешто се растураше и тоа после една секунда. Јас го предизвикував тоа. Сега тоа го знам и гледам.

И најинтересно е што тоа го гледам и со позитивните работи. Во мојот живот сум повикала прекрасни луѓе, работи, патокази... И сѐ почесто ќе повикувам позитивни и посакувани работи во својот живот, затоа што доста ми е од живот полн со претеран страв и исчекување на потенцијална несреќа. Тоа е само губење време.

Од пред некој ден престанав да носам непотребни глупости во торбата. Само паричник и клучеви. И животот одеднаш стана подобро и поубаво место.

До следниот пат, живејте без тие непотребни „ако“, „леле“ и други работи на вашиот грб.