Отчет за сработеното на градоначалникот на Бутел

Градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски вчера имаше отчет за сработеното во изминатата година. Тој изрази задоволство од реализираното во 2016 година.

Дотолку повеќе, што минатата година ни донесе непредвидливи и непријатни настани. Големи проблеми ни направи и поплавата и земјотресот. Овие елементарни непогоди малку ни го пореметија планираното, но на крајот, со голем ангажман на целата општинска администрација и помошта од Владата на Р Македонија се беше реализирано  на време и во интерес на граѓаните.

Од реализираните проекти би ги издвоил следниве:

Изградивме нова градинка во н. Радишани со капацитет за 120 дечиња.

Направивме и темелна реконструкција на градинката во Бутел 2 ( нов кров, фасада, нови прозори, врати и.т.н)

Исто така, темелно ги реконструиравме сите 7 основни училишта на територијата на општина Бутел, така што сите имаат нови покриви, енергетски фасади, некаде нови училници, средени училишни спортски сали, училишни дворови и подготвени ја дочекавме новата школска година.

Земјотресот направи големи оштетувања во основните училишта ,,Панајот Гиновски,, и ,,Петар Здравковски Пенко,, каде што во од беа преземени големи градежни зафати по препорака на ИЗИС (Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија) и објектите се целосно безбедни за одвивање на наставата.

Би ги споменал и проектите со кои континуирано се подобрува патната инфраструктура.

Направивме проширување на патот Радишани – Љубанци – Побожје.

Комплетно ја завршивме новопробиената улица во Љуботен која доби нов асфалт и нов тротоар.

Почна и продолжува изградбата на новиот булевар од Бутел 2 до големиот вијадукт на Скопската обиколница, всушност продолжението на булеварот ,,Христијан Тодоровски Карпош,, и други зафати за подобрување на патната мрежа.

Тука се и десетиците проекти за изградба на нови фекални и атмосферски канализации како што е онаа во новата индустриска зона во ,,Расадник,,

Изградбата на новиот потпорен ѕид за заштита од атмосферски води на куќите од четири улици во Радишани,

Редовното чистење на реката Серава како превентива од поплави и др.

На крајот би ги споменал и новите резултати од проектот што треа веќе 12-та година ,,Светлина наместо темнина,, во чии рамки минатата година поставивме ново улично осветлување во должина од 10 км.

Донесовме и три урбанистички планови, а четвртиот чека на усвојување од Советот на општината.

Ќе ја споменам и легализацијата на

Дивоизградените објекти која оди континуирано добро. До сега се легализирани над 3500 објекти што е повеќе од половина од бројот на поднесени барања за легализација. 

Општина Бутел навреме го донесе буџетот за 2017 година и тој изнесува 434 227 000,00 денари, што морам да кажам дека е еден од најмалите споредено со другите општини во Градот Скопје. Но, е многу реален, особено во делот на капиталните расходи.

Проектите што се планирани за тековната 2017 година:

 Планираме да ја завршиме изградбата на фекалната канализација  (3 фаза) во Љубанци и последната фаза  во Љуботен во вредност од над 17 милиони денари, по што општина Бутел ќе има над 95 % покриеност со фекална мрежа на целата нејзина територија.

Изградбата на ул. ,,5,, во Визбегово е наш приоритет,

Пробивањето и изградбата на новата улица (,,50,,) во с. Радишани.

Исто така, планираме изградба на нов крак на улицата ,,18,, во Радишани.

Изградбата на овие три улици е предвидено да чини околу 17 милиони денари.

Ќе го реализираме и проектот со кој ќе се финализира изградбата на водоводната мрежа во с. Љуботен.

Се разбира, планираме и повеќе проекти во образованието.

Би ја спомнал темелната реконструкција на подрачното училиште ,,Св. Климент Охридски,, во Визбегово како последно кое ќе добие нов лик, со нов кров, нова енергетска фасада, нови прозори и врати и ентериерно уредување.

Интензивирање на процедурата за изградба на ново училиште во Визбегово, заедно со Министерството за образование и наука.

Ќе се променат и прозорите на ОУ ,,Ацо Шопов,,.

Ќе извршиме и набавка на нова школска опрема за сите основни училишта (клупи, табли, столчиња).

Реновираната градинка во Бутел два, ќе добие комплетно ново ентериерно уредување.

За сите овие зафати предвидени се околу 10 милиони денари.

Се разбира, планирани се и многу други проекти, но би завршил со изработката на проект и започнување на изградбата на нова градинка во Бутел 1, поточно во Живко Брајковски, истакна Латиновски.