Осветување на водите во реката Лепенец и реката Вардар во Ѓорче Петров

Во четврток (19.01.2017), во општина Ѓорче Петров ќе се одбележи големиот христијански празник Водици.

Чинот на потопување на Крстот Господов ќе се изврши во 11.30 часот во водите на реката Лепенец на последната станица на автобусот “22” во Волково и во 12.00 часот во водите на реката Вардар на “Железничкиот мост” во населбата Хром во близина на “Тинекс”.

Празникот Богојавление- Водици се прославува во спомен на крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован и објавувањето на Светата Троица, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа.

Водици е еден од најголемите христијански празници со кој завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божиќ, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.

Поради ниските температури оваа година, Општинската организација на Црвениот крст апелира, верниците што планираат да влезат во водата по Светиот Крст претходно да направат превентивен здравствен преглед.