Оставки од градоначалниците на градовите каде загаденоста повеќето денови е над дозволената граница

Глас за Македонија бара неотповиклива оставка од Министерот за животна средина и просторно планирање, поради неможноста ова министерство да се справи со највисокото можно загадување во повеќе градови во Македонија.

- Бараме оставки и од градоначалниците на Скопје, Тетово и од сите градови каде загаденоста на воздухот во повеќето денови е далеку над дозволената граница. Се покажа дека не се способни да воведат интервентни и брзи мерки за санирање на овој проблем, поради кој во опасност се доведени илјадници животи и здравјето на граѓаните. Бараме, наместо лагите дека поголемото загадување доаѓа од затоплувањето на дрва, отворено да кажат колку увозен опасен отпад влегува во земјата, кој непрописно се согорува, велат од Глас за Македонија.

Оттаму исто така бараат да се затворат веднаш и дивите топилници на метали.

- Бараме во најзагадените градови, веднаш да се прекине со градење на згради за домување, кои веќе сега ги има повеќе од потребното, а прашината од градењето дополнително не гуши. Не е понудено ниту кусо рочно, ниту трајно решение за сообраќајот и огромниот број на коли по улиците. Прашуваме, дали има некој казнет во државата за ваквата алармантна ситуација?

Од организацијата исто така апелираа Министерството за здравство да излезе со точните бројки на ново заболени од канцер, од астма и белодробни заболувања.