Со Законот за основното образование се уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните  училишта, како  и  дејноста  на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем.

Во главата 5 од Законот за основното образование се уредува и прашањето за правата и обврските на учениците. Првенствено во Законот за основното образование се пропишува дека забрането е телесно и психичко малтретирање на ученикот.

Ученикот  има  право  да  ја  посетува  наставата  и  да  учествува  во  воспитно- образовната работа што ја организира основното училиште.

Ученикот  има  обврска  редовно  да  ја  посетува  наставата  и  да  ги  исполнува планираните  обврски  и  задачи  што  се  предвидени  со  наставниот  план  и  програми  и годишната програма за работа.

За учениците што покажуваат значителни резултати од одделни области, извршувањето на обврските и начинот на остварување на програмата на основното училиште може да се приспособи на начин кој го утврдува министерот, по предлог на Бирото.

Ученикот од здравствени причини може да биде ослободен од учеството во одделни активности во наставата во основното училиште, врз основа на потврда издадена од соодветна здравствена установа.

За секое изостанување на ученикот од настава, родителот е должен да го извести раководителот на паралелката за причините за изостанувањето. Ученикот може да отсуствува од наставата ако неговото изостанување родителот го најави однапред во училиштето, но не повеќе од пет дена во наставната година.

Директорот на училиштето по писмено барање на родителите од оправдани причини може да му дозволи на ученикот подолго изостанување од наставата, но не подолго од 30 дена.

На ученикот што наполнил 16 години му престанува обврската за редовно основно образование со истекот на учебната година. По исклучок, по барање на родителот или ученикот, а по мислење на училишниот педагог или психолог, ученикот кој наполнил 16 години може да го продолжи образованието до навршување на 17 години. Овој ученик го  задржува  статусот  на  ученик  ако  го продолжи школувањето како возрасен ученик, во согласност со закон.

На ученикот со посебни образовни потреби кој наполнил 20 години му престанува обврската за редовно основно образование со истекот на учебната година.

Кон ученикот кој не ги извршува обврските и ги повредува правилата на воспитно- образовната  работа  се  применуваат  следниве  педагошки  мерки:  укор,  усна  опомена, писмена  опомена,  намалување  на  поведението,  преместување  на  ученикот  во  друга паралелка и преместување на ученикот во друго основно училиште.

Ако има оправдани причини што се поврзани со однесувањето на ученикот во основното  училиште,  училиштето  може  да  го  префрли  ученикот во друго  основно училиште доколку има согласност од училиштето  кое треба да го прифати ученикот.

За причините за префрлување на ученикот во друго основно училиште одлучува комисија формирана од директорот на училиштето, составена од одделенскиот раководител или раководител на паралелката, два наставника и психологот или педагогот во училиштето и претседателот на Советот на родители. Оваа комисија соработува со родителот на ученикот. Ако училиштето не може да обезбеди преминување на ученикот во друго училиште, за тоа одлучува комисија формирана од градоначалникот на општината.

Ученикот има право на бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку два километри од најблиското основно училиште. Учениците со посебни образовни потреби и лицата за нивна придружба имаат право на бесплатен превоз, без оглед на оддалеченоста на нивното место на живеење до основното училиште.

Начинот на организирање на бесплатниот превоз на учениците, учениците со посебни образовни потреби и лицата за нивна придружба, од местото на живеење до основното училиште, го утврдува министерот.

Основното училиште во договор со родителите, а во согласност со Законот за јавни набавки, може за сите ученици да организира најмалку еден оброк во текот на престојот во училиште. Трошоците за оброкот ги плаќа родителот.

Стандардите за исхраната и за оброците во училиштето ги утврдува Министерството, во соработка со соодветна стручна установа.

Учениците што се истакнуваат со своето знаење или со други видови постигнувања основното училиште ги пофалува односно наградува. На учениците што постигнуваат натпросечни резултати во наставните и воннаставните активности, основното училиште, по предлог на наставничкиот совет, им издава посебни дипломи и пофалници.

Формата и содржината на дипломите, како и начинот на нивното издавање ги пропишува министерот.

Начинот на остварување  на  правата  и  обврските  на  учениците,  наградувањето  и изрекувањето на педагошките мерки за нарушување на училишните правила и куќниот ред ги пропишува министерот, по предлог на Бирото.