Коалицијата МАРГИНИ најостро реагира на објавите дека Коалицијата добила средства од Министерството за култура за организирање на геј парада.

Од коалицијата МАРГИНИ сметаат дека целта на оваа објава е манипулирање со јавноста, ширење на дискриминаторски и хомофобичен говор на омраза, сеење на страв и морална паника, ширење лаги, и репродуцирање на нетолерантните и насилни ставови во општеството.

-На ваков начин повторно се злоупотребува ЛГБТИ заедницата, активистите за човекови права и културните работници, со цел собирање на евтини политички поени и девалвација на нивните политички противници. Одобрениот грант на Коалицијата, како што и самите напишавте, за да истото го игнорирате и манипулативно превртите во насловите на објавата, е за одржување на Скопскиот викенд на гордоста 2018, што ќе се одржи по шести пат годинава. Скопскиот викенд на гордоста е културен и уметнички фестивал, на кој со години по ред се претставуваат и земаат учество некои од најзначајните современи уметници, теоретичари и културни работници од регионот, Европа и светот, и за кој публиката со години по ред покажува интерес, видливо во континуираната и огромна посетеност на перформансите, изложбите и предавањата во склоп на Викендот, се вели во демантот.