Општинската каса на Ѓорче Петров ќе биде поголема од годинешната – буџет за реконструкција на улици, изградба на спортски објекти

Буџетот на Општина Ѓорче Петров за наредната година ќе изнесува 11.282.000 евра. Општинската каса ќе биде поголема од годинешната за милион и 790 илјади евра.

Три милиони и 115 илјади евра од овие средства општината ќе ги намени за проектирање, изградба и реконструкција на улици, водовод и канализација (атмосферска и фекална), улично осветлување, изградба на спортски објекти итн, додека за тековно-оперативни расходи се предвидени 243.370.000 денари или 3.957.000 евра

Со 13 гласа “за” Советот на општина Ѓорче Петров денеска го изгласа Буџетот за 2018 година. Вкупниот консолидиран буџет изнесува 693.828.800 денари, или 11.282.000 евра. Од ова, основен буџет е 424.917.800 денари или седум милиони евра. Овој буџет се остварува од основните изворни приходи како персонален данок, данок на имот, трансфери од други нивоа на власт, капитални приходи… За разлика од 2017 година, буџетот на општината е поголем за милион и 790 илјади евра.

– Ценам дека и натаму ќе работиме интензивно за потребите на граѓаните и ќе ја оставиме политиката настрана.  Знаете сите во каква тешка состојба ја затекнавме општината и оти немавме ниту еден основен и развоен проект. Ѓорче Петров е во мрак, плаќаме заостанати фактури и во 21. век имаме состојба кога нема вода во делови од населбата. Проекцијата на буџетот е таква заради чесно работење во иднина и заради повеќе проекти, рече градоначалникот Александар Наумоски пред советниците.

На седницата најголема забелешка советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ имаа на средствата одвоени за донации и за невладини организации.