Општините си ги превземаат спортските сали - „Партизан“ во Карпош прва за реновирање

На последната седница Владата донесе одлука спортските сали Партизан и Расадник да им бидат вратени на Општина Карпош и на Општина Кисела Вода, спортската сала во Радовиш, како и спортската сала во Куманово и други спортски објекти во овој град, да им бидат вратени на Општина Радовиш и Општина Куманово.
Со овие одлуки, спортските сали се враќаат во владение и на управување на општините и стануваат поблиску до граѓаните и до спортските клубови во локалните заедници со што се отвораат можностите и потенцијалите за нивна поголема искористеност и за развој на спортот и физичката култура. 
На оваа седница на Владата и формално е потврдена одлуката за давање на трајно користење на популарната спортска сала „Кале“ која после многу години ѝ се враќа на Кошаркарската федерација на Република Северна Македонија. 

Спортската сала „Партизан“ во 2005  од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали е дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Сопственикот Рафет Муминовиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК , на почетокот на годината изјави дека состојбата во која сега е салата не е поради негова вина, туку на државата која во изминативе 13 години не му дозволила од неа да направи елитен спортски објект.

„Откако ми беше дадена под концесија, цели 8 години водев битка по судови со тогашното спортско друштво ‘Партизан‘ кое ја упрвуваше и дури во 2014 ја добив во вледение. Потоа, тогашниот градоначалник Стевче Јакимовски не сакаше да ослободи дел од просториите кои ги користеше и не дозволуваше никој да се всели. Јас имав проект со турски инвеститор да направам елитно место за спорт и рекреација, но ништо. Потоа ми стигна тужба дека Владата си ја бара назад во владение и сега на 15 јануари сум на суд. Јас цело време плаќам кирија по 1.000 евра месечно. Не е моја вина што објектот сега е во таква лоша состојба. Не можев да инвестирам кога се водеа и уште се водат судски спорови“, вели Муминовиќ.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, најави дека спортската сала Партизан ќе биде обновена.