Општината Центар сними злоупотреба на паркингот „Аутомакедонија“

Изминатата недела пазарџиите од зеленото пазарче неколку дена протестираа бидејќи им беа скратени сите злоупотреби што ги извршуваа секојдневно на паркиралиштето „Аутомакедонија“, соопштуваат од општината Центар. Надлежните деновиве ги скенираа состојбите на терен на паркиралиштето на кое сега цената за паркирање од еден час од 40 денари, јавното претпријатие „Паркинзи на општината Центар“ ја зголеми на 70 денари.

Со фотографии на својата веб-страница општината Центар потврдува дека поголемиот дел товарни возила се користат за мобилна продажба, а преостанатиот дел ги злоупотребуваат добиените повластени паркинг-карти за вработени во деловен субјект што служат за паркирање автомобили, а не за товарни возила.
Со снимено видео општината сака да покаже дека пазарџиите на крајот на работното време, пред напуштањето на паркиралиштето, користат железни колички за пазарење, кои сензорот ги препознава како возила, и системот за нив автоматски печати билет. На тој начин тие, наместо да платат за цел ден паркирање, плаќаат само за еден час.