Општинарите во Ѓорче Петров подготвени за можните врнежи снег

Општината Ѓорче Петров и нејзиниот кризен штаб се подготвени за зимски услови. Надлежните од локалната самоуправа информираат дека се утврдени кризните точки, а екипите се подготвени за брза реакција. Определена е механизација, зголемена е координацијата со градот Скопје, како и со службите на ЈСП „Скопје“, „Македонија пат“, ЈП „Улици и патишта“.

Приоритет при одржувањето ќе имаат улиците кон здравствените установи, училиштата, градинките. Во случај на неминовна потреба од зимска служба, општината ќе ангажира дополнителна механизација и работа рака. За поефикасна работа, кризниот штаб упатува апел, во случај на снег, граѓаните да си ги чистат влезовите пред своите дворови со што би им ја олесниле работата на службите.

– Во исчекување на првите врнежи од снег и минусни температури, а во координација со претседателите на урбаните и месни заедници, полицијата и комуналната општинска служба, утврдивме динамичен план со кој ќе се обезбеди олеснет пристап и движење во зимски услови. Покрај солта, првпат годинава обезбедивме поефикасна емулзија, течност што ќе се распрскува по тротоарите и пешачките патеки за да не замрзнуваат и на температури пониски од минус 15 Целзиусови степени – информираат од општината Ѓорче Петров.