Општина Сопиште тврди дека викендичките на Матка се легализирани

Десетината викендички изградени покрај брегот на реката Треска во заштитеното подрачје на Кањонот Матка биле дивоградби, но потоа се легализирани бидејќи нивните сопственици ги  искористиле недореченостите во законот за легализација, пишува „Телма“.

Градоначалникот на Општина Сопиште вели дека воопшто немале избор кога ги добиле барањата бидејќи куќите се изградени пред 2011 година и никој не реагирал на време.

За легализацијата на дивоградбите биле известени надлежните министерства за транспорт и врски и животна средина кои не ја спречиле легализацијата бидејќи законот го предвидувал и го дозволувал тоа.

Со ова се потврдува дека станува збор за грешка во државниот систем, судир меѓу два закони кој некој многу вешто го искористил.  Законите сеуште се на сила, со мали измени во називите и членовите.

Градоначалникот Трпковски бара што побрзо да се донесе закон за заштита на природата бидејќи со вакумот кој сега постои никој не може да спречи нова градба во Кањонот Матка и евентуална легализација согласно законот за бесправно изградени објекти кој е на сила.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, најави дека го чека извештајот од Државниот градежен инспекторат и за викендичките изградени во заштитените зони. Тој потенцираше дека законот ќе се применува и во двата случаи, и за платформите и за викендичките.

Државниот градежен инспекторат веќе девети ден го чека извештајот на Општина Сарај, која ги проби сите законски рокови, околу статусот на трите платформи поставени во Кањонот Матка.