Општина Карпош започнува со акција за уредување на опожарениот потег долж Вардар

Општина Карпош започнува со акција за уредување и оградување на опожарениот потег долж Кејот на Вардар, како и на други,покритични делови во овој дел од Општината, во рамки на општинските надлежности и земајќи ја предвид сопственоста на земјиштето.

Инаку и досега, во повеќе наврати, баравме посериозна поддршка и механизација за целосно чистење на овие депонии, а самостојно ја затворивме депонијата кај мостот „Газела“.

По утврдената фактичка состојба на терен и контактите со противпожарните служби, очигледно е дека пожарот е намерно подметнат на 5 - 6 места истовремено.

Во оваа прилика, изразуваме благодарност до фирмите: „Анизор“, „Гранит“, како и до ЈП Улици и патишта и Противпожарната бригада за вчерашната акција за гаснење на пожарот долж Кејот на Вардар, во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. До доцните вечерни часови, овие субјекти ревносно се бореа со пожарот, со цел да се локализира, и истиот да биде ставен под контрола.

Во текот на следната недела Општината ќе објави јавен повик до јавните претпријатија, како и до општествено одговорни субјекти и градежни компании, да се приклучат кон целосно чистење на депониите долж Кејот на Вардар.

Моментално, на Кејот на Вадрдар се уште има мобилни екипи од Општината, противпожарната служба и дел од јавните претпријатија, со цел да ги изгаснат малите пламени кои уште тлеат на оваа површина.