Во пресрет на новогодишните празници, Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев изјави дека оваа година општината ќе има домаќински пристап во празничното красење. Тој нагласи дека се планирани помали средства за новогодишно украсување.

„Целта е граѓаните да ја почувствуваат новогодишната енергија, но и да водиме сметка за сите наши сограѓани. Затоа дел од финансиите ќе се пренаменат за социјално – загрозените граѓани и домаќинства“ изјави Богоев.

Општината Карпош оваа година ќе издвои 2 милиони денари за украсување на Општината, во споредба со мината година кога биле издвоени 7 милиони денари.

Украсувањето ќе се спроведе на плоштадот “Делфина”, платото “Млечен”, платото во Карпош 3, кружниот тек кај гимназијата “Георги Димитров”, плоштадот во Урбаната заедница “Пеце Божиновски Кочо”, паркот “Македонија” и платото во “Бардовци”.