Општина Карпош ја отфрла одговорноста за штетата настаната на Водно

Општина Карпош ја отфрли одговорноста за штетата настаната на планината Водно, за која последните неколку дена се зборува во јавноста. Штетата направена со нелегачно сечење на борови насади, за целите на пробивање на пат кон елитната населба во изградба „Сончев град“. Надлежноста на општината се однесува исклучиво на издавање известување за расчистување на пристапен пат до приватна парцела.

„Локалната самоуправа во Карпош ниту издала одобрение за градба, ниту е одговорна за неконтролираното сечење дрвја, туку за тоа има надлежни служби во Градот, во ЈП ’Паркови и зеленило‘ и во надлежните министерства. Сечењето дрвја и правењето цел пат од 4-5 метри во мај годинава, во парк- шума ’Водно‘, се сериозен проблем на шумската полиција и на другите надлежни органи и институции одговорни за парк-шумата кои требале веднаш да реагираат, да го спречат и санкционираат. Тоа ниту е надлежност на Општина Карпош, ниту одговорност, а уште помалку е дозволено со некакво одобрение од локалната власт. Општината такво одобрение никогаш не издала“, се вели во официјалната реакцијата од Општина Карпош. 

Катастарската парцела позната под називот Рупи, каде се случила сечата, се наоѓа надвор од ГУП. Односно во катастарот таа е заеведена како земјоделско земјиште, приватна парцела со лозје. Според прописите, сопственикот на земјиштето има право на пристапна патека за да може да го обработува земјиштето, но истата не смее да биде поширока од 1,5 метри.