Општина Гази Баба го прослави 39-от роденден

Во Музејот на Македонската Револуционерната борба со богата програма и многубројни посетители се одбележа 39-годишнината на општина Гази Баба.

Градоначалникот Тони Трајковски се обрати пред присутните и во својот говор нагласи колку Гази Баба се менуваше од изминатата година до сега, кои проекти се завршени со цел подобрување на условите за живот на граѓаните и кои проекти се во тек и кои ќе се реализираат во иднина.

Покрај музичката програма во која учествуваа групата Ајазмо, учениците од музичко балетско училишен центар „Илија Николоски – Луј“, хорот Хераклеа, Јане Дунимаглоски, Антониа, виолончелистките Маја и Марија Михајловски, мандолинскиот оркестар од Македонскиот Културен Центар и центарот за модерни и спортки танци „Прима Данса“, беше доделена и наградата „Големата Мајка“ за постигнати резултати од различни области.

Наградата од областа на заштитата и унапредувањето на животната средина и природата ја доби ОУ„ Крум Тошев“, додека пак наградата за постигнати резултати од областа на спортот ја доби каратистот Мартин Несторовски.

Во категоријата млади и спорт, за посебни заслуги во развојот на физичката култура и спортот, наградата „Големата Мајка“ ја доби проф.д-р Бранко Крстевски. За постигнати резултати во областа на културата наградата ја доби писателот Горјан Петрески. Од областа на образование и воспитание наградата ја доби наставничката Весна Трајковска, а за постигнување од областа на науката наградата „Големата Мајка“ ја доби Д-р сци Снежана Милковска.

Од областа на стопанството награда доби фирмата „Вардарградба“ , а од областа на уметноста награда добија М-р Маја Михајловска и М-р Марија Михајловска. За значајни остварувања во областа на хуманост и солидарност награда доби г-дин Тефик Садриовски.

За посебен придонес во развојот на општина Гази Баба, градоначалникот Тони Трајковски му врачи благодарница на градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.