Општина Центар со активности за поддршка на полициските станици

Во ек на пандемијата на коронавирусот, Општина Центар како одговорна единица на локалната самоуправа, покрај останатите мерки кои ги спроведува за заштита и превенција од вирусот, изминатите денови со конкретни активности ги помага и полициските станици „Беко“ и „Пролет“.

Како што соопшти Општина Центар, службите на Општината секојдневно доставуваат нова пратка на заштитни маски и ракавици во ПС „Беко“, за безбедно справување на полициските службеници при извршувањето на нивните редовни задачи. Општина Центар отстапи и три службени возила за користење од страна на полицијата за редовни патроли и контроли, а полициските станици на располагање веќе имаат и 10 мобилни распрскувачи за дезинфекција.

Општината на полицајците од ПС „Беко“ и ПС „Пролет“, покрај останатите активности, секојдневно им доставува храна и оброци. Во ПС „Беко“ извршена е и целосна дезинфекција на работните простории.

Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ повторно апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од коронавирусот, затоа што, наведуваат. само така, со заедничко почитување, солидарност и совесност, можеме да го победиме Ковид 19.