За заштита на животната средина Општина Центар во буџетот за наредната година предвидела 60.000 евра. Околу пола милион евра се предвидени да му се дадат на кошаркарскиот клуб „Работнички“, пренесува SDK.MK.

Советниците на општината утре треба да ги одобрат овие пари на седница на која ќе расправаат и ќе ги усвојат програмите за работа за 2018 година.

Според програмите кои се објавени на веб страната на Општината во документот за заштита на животната средина наведено е дека ќе се потрошат околу 100.000 денари за брошури и промотивни материјали, 500.000 денари за консултантски услуги за изработка на катастар на загадувачи и за консултанти за мерење на бучавата и чадни гасови, 2,8 милиони денари се предвидени за субвенции за велосипеди а 500.000 денари за други оперативни расходи, што е вкупно 3,9 милиони денари или околу 60.000 евра.

Многу повеќе пари се предвидени во програмата за спорт и рекреација и тоа околу 660.000 евра од кои 490.000 евра ќе бидат дадени за кошаркарскиот клуб „Работнички“.

Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека пари за животната средината и за решавање на проблемот со загадувањето се предвидени и во други програми.

„Имаме предвидено средства за реконструкција на училишта, за зеленило, паркови. За ‘Работнички’ оваа година даваме малку повеќе пари. Лани од буџетот беа предвидени за клубот околу 300.000 евра. Ќе го помагаме клубот додека застане на нозе односно додека добие спонзор, на што се работи“, вели Богдановиќ, кој со години е дел од навивачката група на кошаркарскиот клуб „Сити парк бојс“.

Од Граѓанската иницијатива Во одбрана на Дебар Маало денеска на Фејсбук реагираа дека со буџетот за 2018 година, Општината повторно не води сметка за приоритетите и главните проблеми на граѓаните.

„На приватни агенции за обезбедување да им се доделат 33.000 евра за обезбедување на училиштата, додека за обука на наставниот и стручниот кадар во образованието 2.000 евра. За брошурите на општина Центар ќе се одвојат 8.000 евра, а никаде не се споменува правење на велосипедски патеки и конкретни мерки против токсичниот воздух во населбата. Во нацрт-програмата се предвидуваат и средства за изработка на нови урбанистички планови без да се осврне на потребата за изработка на научни студии за сообраќајот, загаденоста и бучавата кои ќе бидат основата и ќе ги одредуваат параметрите на тие планови. На овој начин се создава сомнеж дека праксата на правење на урбанистички планови по теркот на урбаната мафија најверојатно ќе продолжи“, велат од Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“.

Граѓанската иницијатива во предизборниот период успеа да се избори за место на советничката листа на СДСМ и коалицијата. Нивниот претставник Јана Белчева беше избрана за претседател на Советот.