Општина Центар не е привлечна за купување на станови

Во јануари, февруари и март годинава во најатрактивната скопска општина, Центар, продадени се само три стана, за разлика од 99-те во претходните три месеци - октомври, ноември и декември.

Во таа општина во истиот период во Регистарот на цени и закупнини што го води Агенцијата за катастар на недвижнини забележани се и три продажби на куќи, две на деловен простор и четири на градежно земјиште, или вкупно 12 трансакции со недвижнини, исто колку, што, на пример, имало и во Лозово или двојно помалку отколку во Василево.

Само три месеци претходно, Центар била општина со најголем број трансакции со недвижнини во државата - вкупно 436, а со мртвилото на пазарот на недвижнини што се јавува на почетокот на годинава, сега се вбројува меѓу општините со колективни станбени објекти каде има најмалку купопродажби на станови и воопшто трансакции со недвижнини.

Според Регистарот, најмногу станови во првиот овогодишен квартал се продадени во скопски Аеродром, вкупно 16, потоа во Карпош 14, па во Куманово 9. Но, ако се споредува со претходниот квартал, падот на продажбата на станови во Аеродром е огромен, зашто таму во последните три месеци од минатата година имало 183 продажби. Во Карпош, пак, во претходното тримесечје се продале 113, а во Куманово 47 станови.

Всушност, Катастарот регистрира општ пад во продажбата на станови во државата од почетокот на годинава. Во јануари, февруари и март во Регистарот на цени и закупнини е запишана само 51 купопродажба на новоградби, но и 2.056 трансакции со стари станови, што е шест пати помалку отколку во претходниот квартал. Ова се случува во услови кога во понудата има 12.000 нови станови, од кои 3.030 изградени и вселиви, а останатите во фаза на градба.

Од почетокот на годинава, благ пад е забележан и на пазарот на куќи, од кои лани се продадени 217, а годинава 211. Најмногу куќи се продадени во Прилеп, 22, што е за една помалку отколку на крајот на минатата година, како и во Битола - 21, што е две повеќе отколку во претходниот тримесечен период.

Пад се случува на пазарот на деловен простор. Ако на крајот на минатата година нов сопственик добиле близу 100 објекти, во првото тримесечје од оваа година тоа се случило со помалку од 40. Најмногу деловни објекти, вкупно четири се продадени во Прилеп, додека пак, во Центар, каде концентрацијата е најголема, имало само две купопродажби, за разлика од претходното тримесечје, кога се евидентирани 10.

Најмногу трансакции, пак, има со земјоделско земјиште, а најголемиот број, вкупно 56 има во Долнени. Најмногу градежно земјиште е продадено во Велес, 24 парцели. За разлика од таму, во Цетар, пак се продадени само четири.

Во првиот квартал од оваа година најраздвижен бил пазарот на сите видови недвижнини во Прилеп, каде Катастарот запишал 85 трансакции. Најмалку, само по две имало во Чаир и во Арачиново.
Низ целата држава се истргувани вкупно 4.795.275 квадрати недвижен имот, во што се вложени 38 милиони евра. И со квадратурата и со вредноста доминира земјоделското земјиште. Предмет на купопродажба биле и 8.748 квадрати станови, вредни пет милиони евра и 186.819 квадратни метри куќи, за што се потрошени еден милион евра повеќе. Истргуваните деловни простории од вкупно 88.716 квадратни метри, пак, чинат близу 11 милиони евра.