Општина Центар ќе ја реконструира улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ во Маџир Маало, во вкупна должина од 240 метри.

- Ќе се изврши целосна замена на постојната конструкција на улицата на која е поставена коцка со асфалт. Ќе се направи изработка на нов тампонски слој со дебелина од 30 сантиметри на површина од 4.100 метри квадратни, врз која ќе бидат поставени два слоја асфалт, соопшти општина Центар.

Улицата ќе има нови рабници во должина од 950 метри и тротоари од бекатон плочи со вкупна површина од 215 метри квадартни, а ќе се изгради атмосферска и фекална мрежа.

Општина Центар информира дека за подобрување на капацитетите на атмосферската и фекална мрежа склучиле договор за меѓуопштинска соработка со општина Аеродром. Според договорот, општина Центар ја презема обврската да ја финансираат изработката на планска и проектна документација и да ја финансираат изградбата на фекалната мрежа на територија на општина Аеродром по улицата „Владимир Комаров“. 

- За подобрување на капацитетите за одводнување на атмосферските води ќе се изгради атмосферска мрежа по улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ со краци по улиците „Велешка“ и „Петричка“ и атмосферска мрежа во должина од 297 метри, соопшти општина Центар.