Општина Центар ја започна процедурата за решавање на проблемот со бездомните животни. На иницијатива на градоначалникот Саша Богдановиќ, во буџетот за 2018 се одделени 6.000.000 денари за изградба на стационар за згрижување на напуштени животни на територија на општината.

„Досега немало проект за изградба на ваков стационар и Центар ќе биде првата општина која го прави ова и ќе биде пример за хумано справување со проблемите со бездомните кучиња и мачиња“, велат од Општината.

Од таму информираат дека денеска се одржал состанок со претставници на „Кане Корзо“, здружение за заштита на животните, а градоначалникот ги повикува сите заинтересирани здруженија да дојдат на консултации или да ги напишат своите предлози на info@centar.gov.mk.

Од Општината наведуваат дека се разгледуваат неколку опции за локација за сместување на овој стационар кој што ќе ги исполни сите неопходни стандарди за згрижување. Напуштените животни ќе бидат сместени во стационарот до вдомување во семејства.

„Со ова ќе се стави крај на бездомни кучиња кои се шетаат во централното градско подрачје, ќе се превенира за намалување на можни заразни болести кои се пренесуваат меѓу животните и ќе се обезбеди сигурност на децата и на граѓаните“, велат од Општината.