Општина Центар го стопираше рушењето на ТЦЦ Плаза

Општина Центар го стопираше рушењето на фасадата на ТЦЦ Плаза откако градежен инспектор на општината излегол на терен и констатирал дека инвеститорот почнал со постапка на уривање, иако за тоа нема никакво одобрение, ниту пак доставил барање до општината да му се одобри уривање.

Од Општина Центар не знаат дали се урива фасадата или целиот објект, но велат дека инвеститорот сакал да прави измени на објектот, пренесува СДК.

Од општината велат дека е дадена усна наредба да се престане со постапката на уривање, бидејќи покрај тоа што нема одобрение, не е ниту соодветно заштитен просторот. Утрово со градежна механизација зад тарабите со кои е ограден објектот кој е во фаза на градба почна да се отстранува барокната фасада.