Општина Центар го одбележа Светскиот ден на уметноста

По петти пат во светот, а по трет пат во Република Македонија, во организација на општина Центар и Асоцијацијата ИКОН, се одбележа Светскиот ден на уметноста.

Климе Коробар од ИКОН се заблагодари за поддршката од општина Центар, посочувајќи дека годинава, тематската изложба на 20 македонски уметници е религијата и уметноста.

- Светскиот ден на уметноста е поттик на сегашните и идните генерации да ја осознаат важноста на уметноста низ вековите. Во Република Македонија од особена важност е одбележувањето на Светскиот ден на уметноста, затоа што живееме во општество кое е поделено по етничка, верска, партиска и за жал, по социјална основа, а уметноста е таа која што не знае за вакви поделби, уметноста е таа која обединува. Општина Центар со задоволство учествува во одбележувањето на овој ден - рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Општина Центар изработи каталог со делата на уметниците.

Светскиот ден на уметноста се одбележува на 15-ти април, бидејќи тоа е роденденот на Леонардо Да Винчи, безвременска личност како сликар, скулптор, мислител, писател, иноватор, математичар и филозоф.

Изложбата ќе биде отворена во наредните 15 дена во Националната Галерија во Мала Станица.