Општина Аеродром ќе реконструира фасади на своја сметка

Општина Аеродром ќе реконструира фасади на станбени згради на своја сметка. Фасадите нема да бидат барокни, туку ќе го задржат автентичниот изглед. Акцијата ќе започне пролетва и за почеток, во план е да се реконструираат фасади на пет згради.

Општината неодамна за нив распиша и оглас со кој се бара изведувач на градежните зафати. Од огласот може да се заклучи дека први за обнова се зградите на улиците „Петар Ацев“ број 9, „Фрањо Клуз“ број 2, фасадата на зградата лоцирана на „23 Октомври“ број 14 и фасади на две згради во Ново Лисиче, на булевар „АСНОМ“, со број 72 и 112. Општинарите процениле дека за рефасадирање на овие објекти ќе потрошат околу 400.000 евра. Предвидено е фасадите да бидат обновени до крајот на годинава. 

Проектната документација за санација на фасадите на станбените објекти ја изработи фирмата „Инком инженеринг“ од Скопје, за што се потрошија околу 40.000 евра. Од Општина Аеродром најавија дека подетално за акцијата ќе информираат неделава. 

Инаку, општинарите пред да одлучат колку и кои фасади ќе ги обноват, извршија попис на станбените згради на територијата на општината. Се направи еден вид регистар на зградите со нивната актуелна состојба. Притоа беше утврдено колку од нив се енергетски ефикасни и на колку треба да се интервенира дополнително. Соодветна комисија одлучи дека нови фасади се планирани за четири згради во Мичурин, една во Стар Аеродром, три во Ново Лисиче и по пет згради во Острово и Аеродром.

Општина Аеродром е трета по ред скопска општина која на свој трошок ќе ги рефасадира објектите. Први таква акција започна Општина Карпош, а потоа и Центар. Тие досега имаат рефасадирано речиси 100 термички фасади на зградите што се лоцирани на нивна територија.