Општина Аеродром ќе гради парк во Мичурин

Локалната самоуправа од Аеродром распиша оглас за избор на фирма што ќе го изработи проектот за хортикултурно и партерно уредување на паркот Мичурин во истоимената населба.

Зеленилото ќе се простира на земјиште со површина од 3.573 метри квадратни, кое е лоцирано на улицата „Анастас Митрев“. За подготовка на неопходната проектна документација ќе се издвојат околу 800.000 денари. Заинтересираните фирми ќе имаат рок до 8 февруари за да ги достават понудите за учество во распишаната постапка.

Проектот за хортикултурно и партерно уредување на паркот Мичурин треба да биде изготвен во рок од 30 дена. Врз основа на изготвената документација, Општина Аеродром ќе треба да распише тендер за избор на изведувач на идното парковско зеленило. На жителите од населбата Мичурин веќе подолг временски период им се ветува изградба на нов парк. Претходното општинско раководство ја промовираше изградбата на овој проект уште од 2015 година, но не го реализираше ветениот парк.

Во соработка со Build.mk