Општина Аеродром го донесе буџетот за 2016та година

На вчерашната, 18.11.2016 година, 43-седница на Советот на Општина Аеродром беше донесен Буџетот на Општина Аеродром за 2016 година.

Новиот Буџет, кој е речиси идентичен со минатогодишниот, изнесува околу 17 милиони евра, од кои 11 милиони се предвидени за дотации и плати во основните училишта и градинки, а другите 6 за реализација на проектите почнати во 2015 година, како и на голем број проекти предвидени за 2016 година, со кои ќе се подобрат условите за живот на граѓаните во Општина Аеродром.

Меѓу покрупните проекти опфатени во Буџетот за реализација во 2016 година се изградба на две нови детски градинки, од кои едната во Горно Лисиче, а другата во Аеродром, поточно во населбата Јане Сандански.

Буџетот предвидува, исто така, целосна изградба на улицата „Руди Чајавец“ во Стар Аеродром, изградба на нова улица во Реонски центар „Аеродром“, изградба на две нови улици во Мичурин и тоа „Анастас Митрев 1“ и „Венијамин Мачуковски 3“, целосна реконструкција на улицата Ѓорѓи Капчев во Горно Лисиче, како и реконструкција на три моста на Усјанскиот канал.

Исто така, Буџетот за 2016 предвидува и довршување и пуштање во употреба на новиот парк покрај кејот на реката Вардар во близина на Фудбалската федерација на Македонија и многу други проекти, со кои ќе се подобрат условите за живот на граѓаните во општината.