Општина Аеродром бара решение за бездомните животни

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, и директорот на ЈП “Комунална хигиена", Абдусамед Шабани, имаа средба, на која како што информираат било разговарано за воспоставување блиска соработка меѓу двете институции во насока на градење ефикасен механизам за справување со бездомните кучиња.

Како што информираат од општина Аеродром, во изминатиот период била воспоставена комуникација со граѓански активисти кои би биле заинтересирани на волонтерска основа да се вклучат во координирани акции за собирање на бездомните кучиња заедно со институциите, со што ќе се гарантира хуман третман на животните, а истовремено ќе се олесни лоцирањето на бездомните кучиња за кои е потребна кастрација и стерилизација.

Дополнително, волонтерите преку социјалните мрежи ќе можат да помогнат во процесот на вдомување, а ќе им биде обезбеден и пристап до кучињата за кои се одговорни. Соработката, како што е најавено, ќе биде формализирана и се подготвува меморандум.