Опозицијата обвини дека се сокриваат докази за случајот „Рекет“

Од април обвинителката Вилма Русковска располага со сите докази за инволвираноста на власта во рекетот, а досега се приведени само двајца извршители и никој друг, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение, од каде обвинуваат дека постои намера да се сокриваат докази и да се одолговлекува истрагата за случајот „Рекет“.

„Заев се наоѓа на врвот од октоподот. Очите не заболеа од блескање во криминално-рекетарскиот октопод кој што го штити Зоран Заев. Јанева е обвинителката која заедно со Боки 13 и Зоки Кичеец изнудувала пари од бизнисменот Орце Камчев, за потоа да каже дека и бил изгубен мобилниот телефон, кој подоцна форматиран беше пронајден кај девојката на нејзиниот син, која денеска во улога на сведок ќе ја замајува македонската јавност дека немала никаква врска со овој случај. Знаеме дека рекетирани биле десетици бизнисмени од страна на криминалната мрежа, и биле земени десетици милиони евра, власта не запрела само кај Орце Камчев и за сето тоа бил информиран Зоран Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата додава дека манипулацијата и вмешаноста на власта во работењето на судовите и постапките кои ги водат одредени обвинители е повеќе од јасна и никој повеќе не верува во оваа власт.

„Заев има одговорност да си поднесе оставка, но нема храброст да се соочи со револтот на граѓаните кои ќе го казнат на следните парламентарни избори, затоа што никој не сака да живее во држава во која власта е на врвот од криминалната мрежа, во која организирано се рекетира и во која правдата е концепт кој ги штити криминалците.

Предвремените парламентарни избори се нужност која што треба да се случи, порано или подоцна на Заев и на власта ќе им биде испорачана казната од граѓаните, обновата на Македонија ќе се случи кога Зоран Заев ќе си замине од власта“, додава ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.