Операта „Турандот“ премиерно во Македонската опера и балет

Во Македонската опера и балет (МОБ), в петок, на 25 март, во 20 часот, премиерно ќе се изведе операта „Турандот“ од Џакомо Пучини. Познатата опера на Џакомо Пучини во МОБ се обновува по 14 години од првата изведба во Македонија и се поставува со меѓународна авторска и солистичка екипа.

Режијата, сценографијата и костимографијата се на познатиот италијански оперски режисер Џанкарло дел Монако, а диригентската палка ќе ја држи, исто така, гостин од Италија, диригентот Џанлука Мартиненги.Кореографијата е на Саша Евтимова, дизајнот на светло е на Волфганг фон Цубек од Австрија, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

Насловната улога во „Турандот“ ја толкува холандската сопранистка Габриелe Мулен, а покрај неа настапуваат и: тенорот Кристијан Бенедикт од Литванија (како Калаф), сопранистката Валерија Сепе од Италија (како Лиу), но и нашите оперски изведувачи Игор Дурловски (како Тимур), Кристијан Антовски (Пинг), Дарко Нешовски (Панг, Принцот од Персиjа), Дејан Стоев (Понг), Владимир Саздовски (Мандарин), Марјан Николовски (Алтоум) и Тихомир Јакимовски (Џелат).

Директорот на МОБ, Игор Дурловски, на вчерашната прес-конференција истакна дека е возбуден бидејќи откако е на чело на оваа институција, ова е првата опера која се поставува на сцената на МОБ. Тој се надева дека познати имиња ќе продолжат да доаѓаат на оваа сцена и дека секоја идна продукција ќе биде како оваа, на „Турандот“.

Режисерот Џанкарло дел Монако, пак, кој е син на познатиот тенор Марио дел Монако, рече дека идејата за овој проект потекнува од пред три месеци.Тој е дојден по покана од директорот Дурловски со кого се познава 15-ина години и од времето на нивните кариери во Германија. „Иницијалната идеја доаѓа од грчката трагедија и од трагикомедијата. Не е само трагичното сечење глави и смртта која ги води сите низ целиот процес на вљубување, одљубување и доаѓање на престол, туку маскираните учесници кои ќе се појават на сцената, ќе ја раскажат и веселата страна на животот – дека не е се’ толку црно“, рече Дел Монако за концептот на претставата.
„Голем предизвик за сите диригенти кои работат оперска музика е поставувањето на Пучини, особено на ’Турандот’, кое е негово последно дело“, рече диригентот Мартиненги, кој истакна дека повеќепати соработувал со Оркестарот на МОБ и е задоволен од соработката, но овој пат ќе се обиде, како што рече, од него да го извлече италијанскиот звук.

„Обновената ’Турандот’ ќе биде спектакл со 200 луѓе на сцената, на која ќе настапат хорот, балетскиот ансамбл и оркестарот на МОБ“, истакна Сони Петровски, уметнички директор на Операта во оваа институција.

А Габриеле Мулен, пак, која ќе ја толкува насловната улога, се заблагодари на поканата за настапот во „Турандот“ и рече дека за изведбата се потребни силен глас и многу добра техника. „Одговорноста за настапот не е само на оној што го игра насловниот лик, туку и на сите солисти кои се појавуваат на сцената“, додаде холандската сопранистка.