Сируп за смирување кашлица, кој производителот не го препорачува за деца под 4 години, во земјава им се дава и на двегодишни деца.

Во упатството за употреба на македонски јазик кое го прави носителот на одобрението за продажбата на овој сируп во земјава стои наведено дозирање за деца од 2 до 6 години, што значи дека може да се дава од две години, додека на самото пакување кое е на српски јазик пишува дека не се препорачува да се дава на деца помлади од 4 години. Истото предупредување дека смее да се употребува од 4 години стои и на интернет-страницата на германскиот производител, како и на интернет-страниците на увозниците во Србија, Хрватска и Словенија.

Дека за ист лек постојат различни упатства неодамна забележала мајка на двегодишно дете од Скопје на која матичниот лекар ѝ го пропишал сирупот.

„Ќерка ми кашла веќе еден месец. Испитавме сè и не откривме никаков конкретен проблем, па матичниот лекар ни пропиша сируп на природна база за смирување на кашлицата. Малку ми беше чудно што на толку мало дете препишува сируп за кашлање бидејќи знам дека на таа возраст се мали за да пијат такви сирупи. Сепак, лекарот ме убеди дека е безбеден и дека во упатството е наведено дека може да се дава“, раскажува Драгана од Скопје.

Сепак, откако го купила сирупот, одлучила уште еднаш да го провери упатството за употреба. И тогаш сфатила дека на упатството на македонски јазик пишува дека може да се дава на двегодишни деца, но на кутијата пишувало дека не се препорачува за деца под 4 години.

„Тоа што го пишува на кутијата, го пишува и на стакленото шише, дека со сирупот може да се почне со наполнети 4 години. На кого да верувам, на упатството на српски или на тоа на македонски јазик? Сепак се работи за лек за мали деца, а две години е огромна разлика. Којзнае колку родители го прочитале само упатството на македонски јазик и им дале од лекот на своите двегодишни деца. Не ги обвинувам ниту лекарите што го пропишуваат бидејќи тие се водат според упатството на фирмата што го пушта во промет кај нас, а неа пак треба да ја контролираат надлежните институции“, вели Драгана, која на крај одлучила воопшто на детето да не му го даде сирупот.

Надлежни за контрола на лековите што се продаваат во земјава се инспекторите на Бирото за лекови. Сепак, нејасно е зошто досега никој не ги забележал разликите во упатствата за ист лек. Вработени во аптеките велат дека најверојатно се работи за печатна грешка, но и нив им е чудно зошто досега никој не ја забележал и не реагирал.

Различните упатства за ист лек пред неколку години му предизвикаа големи проблеми на десетмесечно бебе од Скопје. Бидејќи било болно и имало висока температура, мајката по препорака на лекар му дала сируп за спуштање температура. Но температурата на бебето нагло му се спуштила под 35 степени, па родителите цела ноќ го топлеле за да му се воспостави нормална телесна температура. Кога ги прочитале упатствата за лекот, сфатиле дека тие се разликуваат. На оригиналното упатство од производителот од Србија пишувало дека сирупот не смее да се дава на деца под 1 година, додека на упатството на македонски дека се дава од шест месеци. Објаснувањето од увозникот на лекот во земјава тогаш беше дека станува збор за печатна грешка.