Онлајн-петиција за ослободување на тротоарите во Скопје за пешаците

Граѓанската иницијатива „Мегафон“ започна онлајн-петиција за итно стопирање и санкционирање на возачите што ги паркираат возилата на тротоарите. Досега петицијата ја потпишале над 4.000 луѓе.

„Паркирањето автомобили на тротоарите е незаконско и со тоа се загрозува безбедноста на пешаците, пред сè на најранливите групи, како ученици, лица со посебни потреби, мајки со деца во количка и повозрасни граѓани. Пешаците според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се должни да се движат на тротоар и може да бидат казнети ако се движат на коловозот. Меѓутоа, во Скопје, парадоксално, пешаците се движат на коловозите бидејќи тротоарите се узурпирани од паркирани автомобили“, се вели во петицијата.

Граѓанската иницијатива бара МВР и сообраќајната полиција, како и Град Скопје, да се стават во служба и во одбрана на правата на граѓаните, пред сè, пешаците, и ригорозно и со нулта толеранција да се справуваат со погрешно паркираните автомобили. Од таму велат дека со непостапувањето по законските обврски МВР и сообраќајната полиција стануваат соучесници во овие прекршочни дела и индиректно го потпомагаат загрозувањето на безбедноста на граѓаните.