Она што го гледаме со очите е само облак кој го крие она што треба да го видиме со душата

Секојпат кога ќе испиев горка чаша, таа имаше меден талог. Секојпат кога ќе совладав некоја шумовита препрека, излегував на зелена рамница. Секојпат кога ќе изгубев пријател во магливо небо, го наоѓав во утринската зора.

Колку пати, опиен од нектарот на сопствената душа, себе и својот соговорник нѐ гледав како јагне и волк, а кога ќе си дојдев на себе сфаќам дека и двајцата сме само луѓе. И јас и вие сме страствени следачи на она што го нарекуваме „јас“ и површностите наречени „вие“ – затоа и не ги гледаме тајните на духот ниту во „јас“, ниту во „вие“.

Што можеме да направиме кога поради сопствената вообразеност сме немарни кон вистината која ја носиме во себе? 

Ви кажувам и вам и себеси: Она што го гледаме со очите е само облак кој го крие она што треба да го видиме со душата, а она што го слушаме со ушите е само бучава која го задушува она што треба да го усвоиме во срцата. 

Ако слушнеме човек како пее, а друг човек како плаче, треба да се стрпиме за да видиме кој од нив навистина е весел. Не, брате, не суди за вистината за човекот врз основа на она што го покажува, немој ни да ги земаш неговите зборови или некоие дело како симбол за неговата суштина. Затоа што има многу луѓе кои ги омаловажуваш заради нивниот тежок јазик и оскуден говор, иако се преполни со уметност и со чувства.

Има многу луѓе кои ги гледаш од високо поради изгледот и недоличниот живот, а тие се едни од небесните дарови. Животот не се состои од својот изглед, туку од она што не се гледа. Целиот видлив свет не се состои од лушпите, туку од суштината. Луѓето не треба да се судат според изглед, туку според срце.

Затоа не ме сметај за човек кој не знае ништо, пред да допреш до моето тајно битие, а не ме сметај ниту за гениј пред да го ослободиш моето битие од она што сум го презел од другите. 

Не вели дека сум скржавец со телесни раце, пред да погледнеш во моето срце или дека сум племенит и благороден човек пред да дознае што е она што ме поттикнува на племенитост и благородност.

Не ме сметај ниту за заљубен додека мојата љубов не ти се појави во целата своја светлина и жар, а немој да ме сметаш за празен човек сѐ додека не ги допреш моите крвави рани.

Калил Џибран