Омиленото место за раскошни забави на богатите скопјани (фото)

Некогашниот Офицерски дом во Скопје го изградила српската војска како место за забава на офицерите, другите воени лица и на нивните пријатели.

Камен-темелникот на Офицерскиот дом бил ставен во 1925 година, а бил комплетно изграден во 1929 година на местото на Бурмали џамија. Бил граден по проект на рускиот архитект Вилием Баумгарген. Тој претставувал најимпозантна градба со многу сали, простории за забава и разонода, раскошен инвентар и опрема, лустери со огромни димензии кои биле подарок од кралот Александар Караѓорѓевиќ и со саатен механизам на кулата што можел да се чуе и види од цел град.


Офицерскиот дом бил еден вид градска куќа со огромна и светла сала во која се организирале најубавите забави и балови.

Во него обично се свирела воена музика, но имало и забави со џез-музика и модерни танци. Гости во Офицерскиот дом биле луѓе кои во градот важеле за елита, кои биле претставници на градската класа. За да можат скопјани да влезат во Офицерскиот дом требале да бидат негови членови. За зачленување пријавите морале да бидат заведени од одредени комори и признати здруженија.

Сите членови при доаѓањето на забавите во Офицерскиот дом морале да ја носат со себе членската карта. Членовите можеле со себе на баловите и матинеата да носат и свои гости.


Скопјани во Офицерскиот дом оделе и да играат шах и билијард. Во него имало и читалница со странски и домашни весници.

Офицерскиот дом бил урнат во катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Наскоро Владата ќе почне да гради нов Офицерски дом на местото на поранешниот. Надворешно новиот Офицерски дом ќе биде идентичен на стариот, различен ќе биде внатре. Во него ќе се смести Градска куќа, сала за матично, а ќе има и други простории за свечености.