Олеснување за граѓаните: Долговите за вода ќе се плаќаат на рати и без камата

Од наредниот месец, поточно од први април скопјани ќе можат да ги подмират своите заостанати долгови од неплатените сметки за вода на рати и без камата. Оваа одлука е донесена од упрсвниот одбор на ЈП „Воовод и канализација“ со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните. 

На две рати ќе може да се отплати долг во висина од 4.000 до 7.000 денари, на три рати ќе важи поволноста за долг помеѓу 7.001 и 10.000 денари. Колку што е повисок долгот, толку е поголем и бројот на ратите. Најголема отплата, и тоа на две години, ќе важи за физички лица што должат повеќе од 110.001 денар за вода.

„На вкупниот главен долг, редовен и тужен, се додава и износ на име пресметана казнена камата сметано од денот на валутата на секоја поединечна фактура (сметка до денот на склучување на договорот), износ на име трошоци по постапките определени од надлежен нотар или суд и трошоци за заверка - солемнизација на договорoт согласно нотарската тарифа“, стои во одлуката на претпријатието. Можност за намирување на долговите на рати ќе имаат и компаниите, но не и органите на државната и локалната власт и другите државни институции како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија.