Околу осум илјади работни места им се нудат на невработените лица во земјава - најмногу се бараат продавачи, градежници, но и по некој банкар

Околу осум илјади работни места им се нудат на невработените лица во земјава во претпријатија кои работници бараат преку Агенцијата за вработување. Она што најмногу се бара се продавачи и работници во преработувачката индустрија, но и градежни работници, како и оние во финансиската дејност.

Во евиденцијата на Агенцијата за вработување работа бараат вкупно 96.728 лица, од кои поголемиот дел се машка популација. И покрај тоа стапката на невработеност во Македонија се уште е висока и според последните објавени податоци изнесува 22,6 проценти.

Така според последните објавени статистички податоци стапката на невработеност во Македонија во второто тримесечје од годинава изнесува 22,6 проценти и во однос на претходниот квартал бележи намалување од 0,3 проценти. Невработеноста во првиот квартал изнесувала 22,9 проценти, а во последниот квартал од 2016 година 24 проценти.

Работодавачите и во наредниот период ќе имаат потреба од нови врабоувања. Анализата спроведена од Агенцијата за вработуваање покажува дека бројот на работници што ќе го побаруваат работодавците е 8.207.

Најмногу вработувања се очекуваат кај малите работодавачи и тоа 39,8 отсто од очекуваните вработувања, кај средните 33,9 отсто, и 26,2 отсто кај големите работодавачи.