Ограбени две спортски обложувалници во Скопје

Вооружени грабежи во две спортски обложувалници во Скопје биле извршени вчера во периодот од 18 до 20 часот од непознати лица, соопшти денеска МВР.

Првиот грабеж во спортска обложувалница на улицата „Џон Кенеди“ бил пријавен вчера во 18:05 часот, каде непознат сторител со закана со пиштол од вработените ги одзел парите од дневниот промет, по што побегнал во непознат правец.

Вториот грабеж го пријавил вработен во спортска обложувалница на улицата „Козле“ вчера во 20:41 часот, каде непознат сторител со закана со огнено оружје од вработените ги одзел парите од дневниот промет и побегнал во непознат правец.

МВР презема мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на двата случаи.